large

Бидете љубов!!

Божиќ. Спомени. Топлина.

Дел од годината кога сите сеќавања ти се испреплетуваат низ мисли.
И луѓе. И насмевки. И солзи. И грешки.
И си велиш: Па добро е, сите растеме на некој начин… Емотивно, како личности, како битија… Како луѓе.
Во потрага по себе, некогаш губиме драги луѓе, некогаш се губиме себе, некогаш драги луѓе не губат нас…
Но, целото е круг, кругот е тркалезен, а цело е кога има сè.
И сè ќе си дојде во своето време, иако моето и твоето време можеби нема да се совпаднат, но патиштата повторно ќе ни се испреплетат…
Ќе се сретнеме кога ќе бидеме подготвени за тоа, кога ќе бидеме подготвени за моето и твоето, во нашето постоење… За нашето сè, во било која форма…

Ништо не доаѓа одеднаш, ниту се случува одеднаш…ниту ќе замине одеднаш…
Сè е процес и за сè треба време…
И трпение.
А трпение најтешко се учи.
И се греши.
И се заминува прерано и се останува предолго…
Но, се учи.

Се учи да се љуби, да се дарува, да се гушка со срцето, без физички допир, без физичко присуство…
Со чисто, отворено срце, љубов!!

Бидете нечија лекција, бидете нечиј спомен, нечие постоење, нечија инспирација, нечие среќавање, нечие сè!!

Бидете љубов!

 

Ладнокрвно убив човек

Ладнокрвно убив човек,

без размислување,

без последици,

без око да ми трепне.

Ладнокрвно убив човек и заминав од местото на злосторот,

зашто тука повеќе немаше ништо останато,

никакво сеќавање,

ниедна насмевка

само море од солзи и одамна удавени срца.

Ладнокрвно убив човек

во обид за последен здив,

за последен миг живот…

Ладнокрвно убив човек,

без размислување,

без последици,

без око да ми трепне.

Ладнокрвно убив човек и си простив.

Ладнокрвно си простив за сопствената смрт.

 

Photo by: Daria Endersen

6cc22c9a455ca11f9126e339cb55947e

Дојран(а)

Дојран, како и повеќето наши градови со езера, годиништа ги немав посетено… Човек ќе рече, живот, обврски. Ама тој живот и тие обврски нè носат далеку од сите оние убавини на кои забораваме живеејќи секојдневно…

Со Дојран не ме поврзуваа некои спомени, сем сеќавањата на врелиот воздух и ужасно многуте комарци…

* * *

Велат 2016 е престапна година, а јас ќе ја наречам уникатна… За доживување, за живеење, за дишење, за создавање, за биднување, за истражување, за себеспознавање… И за сè она што сте немале храброст да го направите изминатите години… Затоа што животот е патешествие, а случајности не постојат…

Така не случајно, оваа година имам спомен на Дојран за цел живот… За цело едно постоење, за цело едно ново дишење и создавање љубов…

Од сите неслучајни средби, од сите неслучајни луѓе на светов и веков, Ние, тука… Склоп на луѓе со години искуство и години живот во искуството…

* * *

И се качивме низ брдо нагоре, а чиниш само куќарче обвиено со зеленило. И искачивме скалила, чиниш дворец ти се отвара пред очи, скриено богатство, а богатство не се градби… Богатство се луѓе што изградиле светови…

И се појави една светло сончева, ќе ја наречам госпоѓа, од почит кон годините и животот во очите… И ми изгледаше познато, како некаде да сум го видела тој жар, ама не се сеќавав доволно… А и како би се сеќавала кога во годината кога јас сум се родила таа имала точно 60 години. Повеќе од половина век живот.

Името ѝ е Добрила Чабриќ.

Жена која треба да ја доживееш во сите нејзини воздивнувања, зашто со зборови не се опишува.

* * *

И ништо не знаев за неа, сем дека е позната глумица во Македонскиот Народен Театар, дека има преубав глас и дека е толку нестрплива пеперутка, што само можеме да и позавидиме на разиграноста.

Шок.

Оваа разиграна пеперутка во моментов има 89 години.

Да, таа за мене ќе биде пеперутка.

Омилена.

* * *

А пеперутките не би биле толку најпрекрасни, ако сами не летаат. Имаат раскошни крила и широк распон да допрат онаму каде што никој не допира.

* * *

Секој се врати на обврските заради кои бевме дојдени да ги исполниме. Како јато мравки се собравме, се сплотивме, се подаривме на сцена, некој со повеќе, некој со помалку трема, некој случајно не случајно се најде покрај патот да сподели живот што згаснал, зашто тоа е сè што ќе остане по нас… Луѓе што ќе се сеќаваат, ќе нè споменуват повремено, низ песни, низ мисли, низ универзуми… А ќе им дишеме во душата…

* * *

Седум генерации историја.

Вечерва под ова небо… За тебе убавино… прошепотев…

Под ова небо, како и сите други неба… За тебе. Монодрама.

Прашања кои најчесто си ги премолчуваме себеси, онаму каде никој не ти го знае името, со љубов, на една Матилда и еден патник.

* * *

Распарчување.

И подадени раце за поздрав, за почит, за признание…

А само неполни 29 години.

Сè уште осмица за вечност, за бесконечност…

* * *

А по секое кршење, најубаво се танцува на музика. Срце да си зацелиш, душа да си залепиш, парче по парче, стакло… а гледаш во очите на 89 годишна старица. И ќе ја видиш сета љубов и болка, додека ѝ ја пеат „Ах каде е мојто либе“!!

 

Животот нѐ разнесува како прашинки…

* * *

И си седнавме во ладовината, со комарците, трите кученца и мачорот, се распославме како штотуку пристигнати од пат… Чиниш, од пат далечен доаѓаме, секој својот куфер тежина…

Денот. Чуден и убав. И сонце и дожд. И љубов. Чекоревме под виножито на пристигнување.

 * * *

И се распославме сите со своите чаршафи. Исполегнавме души под ѕвездено небо. Интима и цела вселена. Расприкажувања. Искуства. Сите со поезија во раце, ретко кој по професија. Но, најверојатно сите чувствуваме исто, па создаваме интензитет. Дразнење. Емоции. Од секојдневие, искуствено, почувствувано.

 

* * *

Рече: „Зовите ме Доби. А ја сад идем да се мало повучем у своју собу, са своје кучкице и све ово што сте ми доњели…“. И на изглед имаш слика од дете, кое со радост во очите здогледува езеро, да се нурне, длабоко, да исплива под површината…

Ги прегрна сите наши хартиени постоења и изчезна…

* * *

Зуевме длабоко во ноќта.

* * *

Утрински посвети, љубов и дишење…Така осамна новото утро…

Со кафенце во двор, со насмевки и воздивки за тоа колку недостигаат вакви бегства од градот…

Со зборови за зборови, со сеќавања за пишани сеќавања… За Ајде, за Утре, за Прерано доцна

„Дете, па ти ово требаш да испечатиш. Предобро је.“

* * *

Најверојатно, кога ќе воодушевиш 89 годишна жена, со актерска кариера, со милиони страници прочитани зад себе, со живот, со искуство… Најверојатно, ама само најверојатно…правиш нешто исправно за светот…со своето дишење…

* * *

И таква сум. Исчезнувам меѓу луѓе. Си ја сакам самоста. И исчезнав, зашто мразам разделби. Мразам заминувања. А требаше да се вратам онаму од каде што тргнав.

* * *

Ја прегрнав, гушнав и ѝ реков: Доби, ми беше чест што те сретнав… Ми беше чест што те запознав… Вообичаено, додека нешто доживувам, додека нешто се случува, не зборам премногу… Молчелива сум, но ќе се вратам, ќе дојдам и сè ќе ти раскажам…

* * *

„Узми“ – рече – „за по пат. Ова се пољупчиња од Доби“.

Бац, бац, бац, оддекнуваше во просторот, додека ми ја полнеше ташната со ментол бонбончиња.

Ментолчиња кои ме поврзуваат со едни други убави сеќавања.

* * *

Две жени ми подарија ментолчиња, споменчиња.

Јас ментол бонбони не сакам, но секаде си ги носам со себе, затоа што нив две ги сакам.

* * *

Ќе се вратам. Многу набрзо.

 cmm0zfuxyaaj4bw

Прерано доцна

Не те чувствував сѐ додека не стана предоцна за нечувствување.

Ми се рашири по телово како плевел.

Секоја воздишка ти ја паметам, секој бакнеж на усниве како врелина брановито ми се таласаат низ сеќавање. Секоја твоја насмевка, стисокот на дланките во моите и сјајот во очите…

На сѐ заборавено се сеќавам.

Одвнатре ме гориш, а однадвор луѓето мислат мраз ми се наледил на душава, нечувствување.

Предоцна.

И првиот пат беше предоцна.

Секогаш ќе биде и ќе беше предоцна, кога со душата ќе препознаеш човек.

Предоцна беше прерано доцна за да размислувам за утре.

Прерано доцна јас те гледав како дел од себе, како парче среќа и дом по пола.

Зашто цел дом чинат две цели, со љубов поделени меѓу себе.

Прерано ми велеше раскажи ми…и кога раскажав беше предоцна да премолчам колку стравови преминав и храброст набрав како кокичиња сред зима, да ги згреам како што тебе те греев сред февруарски студ.

Часови по полноќ, додека нозете ми ѕемнеа, додека душата ми ја распаруваше со зборови, прерано доцна, те греев… Те греев колку што срца и сонца носев во душава, а мајка вели нејзина вина е што таква ме израснала…

Да љубам и кога губам…

И непознато да чувствувам како свое, како нешто блиско, како нешто мило…

„Предоцна е мајко за каење“, и реков…

И заплакавме и двете, како што душата ти ја собирав во дланки љубејќи ти го челото и бришејќи ти ги солзите од очите…

***

Толку тишини се изнаголтав за тебе, што почнав да се загушувам од сопственото дишење.

 

* Прерано доцна.Како  воздишка. Како копнеж по копнеж, недостиг. Како иднина која чека да биде случена, а тапка во минато заглавено време. Како почеток со многу краеви, а ниедно збогум.

 

image

Монодрама

Прашања кои најчесто си ги премолчуваме себеси.

 

Среќна ли си?
Среќна сум,
денот ми е убав,
така некако се разбудив утрово…

Среќна ли си за себе?
Добро ми е.
Некогаш беше многу подобро,
ама помина…

Среќна ли си?
Еднаш имав сонце за сите светови.
И држев дланка во дланкиве.

Среќна ли си?
Птиците црцорат надвор,
зарем не ги слушаш?

Среќна ли си?
Гледај,
и црешата расцутела.
Вдишувам длабоко
и покрај тоа што поленот
градиве ќе ми ги распара…

Среќна ли си?

Среќна ли си?
Дете сум.
Зарем децата не се секогаш среќни?

Среќна ли си?
Научив.

Среќна ли си?
Научив да живеам во општество
што ме учеше што е нормално,
не тоа што чувствуваш…

Среќна ли си?
Среќни се луѓето што ми значат,
среќна сум за нив…

А за себе?

Photo by: Daria Endersen

Nowena

image

Утре

Секој има кому да се врати, а каде сме ние?

По кои патишта коски оставаме,
Денови сами самуваме, а си бевме…
Си бевме и чувство.
И среќа.
И сила за новото утро…
Утре…
Утре ќе биде подобро од денес…
Некому,
можеби и тебе,
не би знаела да кажам…
Зашто не ти го слушам гласот,
ама срцето ти го чувствувам…
Ти го чувствувам како дел од моето,
а те немам…
Ме немаш…
Не, зашто не знаеш да ме задржиш,
туку зашто не ме бараш кога си требаме…
А по премногу одбивања во животов
се доведоа до тоа да те посакам,
а да се плашам да те имам,
да се плашам да ме имаш…

И ќе ми речат “можеш ти”,
ќе ми речат ќе помине…
А не сакам да ми поминеш,
сакам само сјајот во очите да ти го гледам,
па макар сјаеле од туѓа среќа…

Зашто најтешко е да немаш кому да се вратиш,
кој да те дочека…

А јас сеуште врнам на дождот и те чекам.

image

Ајде

Ајде да седнеме на маса

и да си ги раскажеме сите болки

и животни порази.

Сите љубења

и недољубувања,

сите разочарувања

и нечиви заминувања.

Ајде да седнеме на маса

очи во очи втренчени погледи

и за секој животен неуспех

за секое скршено срце

за секоја сроната солза

ти на мене, за моите

јас на тебе, за твоите,

ќе си резбаме по една рецка на грбот

Зашто сите ножеви и убиства

најлесно се зариваат од зади,

додека другиот не гледа,

додека другиот не се брани,

додека другиот наивно верува во тој позади него,

додека живее во надеж,

а му истекуваат последните секунди живот!

Ајде!

Ајде да бидеме сурово реални кон себе!

Јас кон тебе,

Ти кон мене,

па раскажувајќи ќе стигнеме еден до друг…

Една од приказните е и нашата, заедничка…

Каква – таква,

прекрасна,

ние во неа,

таа во нас!

И ќе ти го свртам грбов,

изрезбај ми ја последната рецка,

така подлабоко,

додека јас наивно сеуште верувам во тебе,

живеејќи во надеж,

додека ми истекуваат последните секунди живот!

 

love

Photo by: Daria Endersen

 

 

Живот базиран на искуства

 

 

Живот базиран на искуства.

~~~

Напишав: „За сите откриени и неоткриени тајни…“ – или барем мислам дека така напишав…

Можеби требаше да напишам „За сите познати и непознати искуства“…

Така ќе беше поприкладно, иако сите си носиме тајни…

Некому добро познати, некому допрва непишани лекции…

~~~

Не жалам за ништо што изгубив до сега, зашто на тој начин немаше да те имам тебе во животов…

~~~

Меурчиња среќа.

Се распрснуваат во дел од секундата кога ќе ја отвориме вратата кон светот, но соединувајќи се со воздухот ги дишеме и по нивното постоење…

Среќна сум што ни се случуваат.

~~~

Пред година и 365 дена подоцна, било кој ден можев да престанам да дишам…

И никогаш да не ми се случиш…

А, ќе зажалев доколку не ти ја видев насмевката и очите…

Свет во овој голем свет…

Процепи…

Како сонце од други универзуми…

Како свет во овој мал свет…

Како парче душа и молк,

додека очите ти се смешкаат и сјаат…

И ти…

За идни сеќавања…

~~~

Живот базиран на искуства…

~~~

Кои ќе бевме ние, да не бевме сега и тука.

Со сите наши минати искуства.

Со сето она што не прави нас, со сите срцебиења и треперења под прсти…

~~~

Ќе биде добро…

Ќе биде многу подобро…

Така вели сонцево…

cbk7h9pvaaajo2n

На сончевата страна од универзумот

Те (про)најдов во ноти…
Во музика од паралелен универзум…
Недопрено…
А толку блиску во душата,
како срце…
Како срце што е сраснато за гради…
Па чукаш,
те чувам,
вдишувам…
Светови допирам
со врвови од прсти,
чиниш јаве се…
А судбина како што дели
така спојува…
Неслучајно испишани истории
во некој живот пред овој,
во некој живот пред животи…
На сончевата страна од универзумот,
меѓу сонца,
сончев…

 

across-the-universe

Проклето минато свршено време од глаголот живот

Дете не остави.
Не остави со неодговорени
и со сонови скршени на пола копје…

Скршени,
пола луѓе,
духови,
шетаме по светов
без патоказ,
без цел,
без дел од себе,
без тебе Дете!!

За сите беше силен,
беше ведар,
беше
се` што немавме сила
со едно скршено крило да бидеме…

Беше силен, Дете,
беше…

Проклето минато свршено време од глаголот живот.

А живот ли е ова, Дете?!

Живот ли е без најдобриот пријател?
Без најголемата поддршка?
Без помалиот брат?
Без чичо?
Без чедото на мајка?

Живот ли е?!

Беше силен за сите, Дете…

Зошто некој ти згазна на судбината па те изгубивме Дете?

Зошто не продолжи да бидеш силен за себе Дете?

Лута сум ти!!

Лута сум си и на себе,
гледавме приоритети,
гледавме да успееме…

Успеавме и
успеавме да се изгубиме во виорот успеси,
заборавајќи дека животот е една текна линија
помеѓу вчера и денес…
И ништо повеќе…
Ништо повеќе Дете!!

Незаменлив си дете!!
Незамисливи се деновите што
ќе минуваат без тебе Дете…

Проклето минато свршено време од глаголот живот.

(27.10.15)