Таму некаде… Секој со своите недостигања…

На тие што се далеку
им недостига љубов,
им недостига блискост,
им недостигаат драги луѓе…

На тие што се тука,
ништо не им е доволно добро…

Некаде таму далеку има подобро,
некаде таму далеку има подобар живот,
некаде таму далеку ќе ги дочекаат
со „раширени раце и топла прегратка“…

Да, да сигурно.

Некаде таму далеку ги дочекуваат
со „топол кревет и топол оброк“.

Не!

Некаде таму студи,
многу студи!

Студи без разлика на временските услови
и годишните времиња.

Студи во срцата,
студат дланките допрени за поздрав,
а студи и секоја прегратка што ја добиваш од тотален странец
што си го сретнал на соседното седиште
во автобусот, авионот, возот, бродот,
цимерот од твојата кабина на соседниот кревет,
кој ја дели истата судбина и мисла:
таму некаде има подобро…

Пропушташ цел еден живот тука,
пропушташ родендени,
петочни забавим,
свадби,
крштевки,
концерти,
пропушташ среќни лица
за кои жалиш што не можеш да ги гушнеш…

Жалат што ти си некаде далеку,
на другата земјина полутопка
и уживаш во Starbucks што го нема кај нас.
Жалат за твојот труд и висината на твојата плата,
помислувајќи: „…се изнашета по градови!“,
„Меѓу странци…“ – прошепнуваш – „меѓу туѓи лица и ниеден твој…
меѓу тотални странци…“
Странци со иста мотивација и исти недостигања.

Со родители (или без нив),
кои чекаат да се вратиш со насмевка на лицето
и да им речеш: „Таму некаде има подобро…“
Но, длабоко во себе ќе ја голтнеш грутката земја
што ја помириса на погребот на твојот колега – странец…

И таму умираат луѓе.
Странци.
Во туѓа туѓина,
во туѓа своина,
со камен во џебот од своето родно место.

Можеби таму некаде и ќе најдеш човек
што ќе го наречеш љубов
и сродна душа –
тотален странец
кој жедно ќе осознава за сé она
што тебе дома не ти беше доволно добро…
Ќе научи за културата,
ќе научи од каде доаѓа твојата топлина и страст
во срцето со кое го љубиш…
Ќе речеш, со носталгија во гласот:
„Така ме научија родителите,
таму каде што не ми беше доволно добро…“

Дома,
покрај елката украсена со светулки
во најразлични бои,
празнично расположение,
божиќната трпеза
и неделните пијанки со друштвото…

Некој можеби ќе најде слобода
робувајќи му на друг систем,
и така тркалезно кружувајќи околу оската –
таму некаде има подобро…

Таму некаде има подобро
каде што туѓа влага и мувла
коските ќе ти ги гризе
живеејќи повисок стандард
со истата куповна моќ…

Таму некаде,
некој скајп видео повик ти мавта
и праќа бакнежи…
Да,
тоа е твојата мајка со солзи во очите,
која животот и искуството
ја навеле на мислата:
Таму нема подорбо,
само моето чедо да ми се врати живо и здраво,
ниедни пари не можат да го купат тоа здравје и среќа…

Таму некаде една мајка
го прегрнува и љуби своето чедо
за добра ноќ…

Таму некаде… Секој со своето недостигање…

One thought on “Таму некаде… Секој со своите недостигања…

  1. Pingback: #ТвитерНагради N°2 – Гласање | Огледало на една душа - Mirror of a soul

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s