Дојран(а)

Дојран, како и повеќето наши градови со езера, годиништа ги немав посетено… Човек ќе рече, живот, обврски. Ама тој живот и тие обврски нè носат далеку од сите оние убавини на кои забораваме живеејќи секојдневно…

Со Дојран не ме поврзуваа некои спомени, сем сеќавањата на врелиот воздух и ужасно многуте комарци…

* * *

Велат 2016 е престапна година, а јас ќе ја наречам уникатна… За доживување, за живеење, за дишење, за создавање, за биднување, за истражување, за себеспознавање… И за сè она што сте немале храброст да го направите изминатите години… Затоа што животот е патешествие, а случајности не постојат…

Така не случајно, оваа година имам спомен на Дојран за цел живот… За цело едно постоење, за цело едно ново дишење и создавање љубов…

Од сите неслучајни средби, од сите неслучајни луѓе на светов и веков, Ние, тука… Склоп на луѓе со години искуство и години живот во искуството…

* * *

И се качивме низ брдо нагоре, а чиниш само куќарче обвиено со зеленило. И искачивме скалила, чиниш дворец ти се отвара пред очи, скриено богатство, а богатство не се градби… Богатство се луѓе што изградиле светови…

И се појави една светло сончева, ќе ја наречам госпоѓа, од почит кон годините и животот во очите… И ми изгледаше познато, како некаде да сум го видела тој жар, ама не се сеќавав доволно… А и како би се сеќавала кога во годината кога јас сум се родила таа имала точно 60 години. Повеќе од половина век живот.

Името ѝ е Добрила Чабриќ.

Жена која треба да ја доживееш во сите нејзини воздивнувања, зашто со зборови не се опишува.

* * *

И ништо не знаев за неа, сем дека е позната глумица во Македонскиот Народен Театар, дека има преубав глас и дека е толку нестрплива пеперутка, што само можеме да и позавидиме на разиграноста.

Шок.

Оваа разиграна пеперутка во моментов има 89 години.

Да, таа за мене ќе биде пеперутка.

Омилена.

* * *

А пеперутките не би биле толку најпрекрасни, ако сами не летаат. Имаат раскошни крила и широк распон да допрат онаму каде што никој не допира.

* * *

Секој се врати на обврските заради кои бевме дојдени да ги исполниме. Како јато мравки се собравме, се сплотивме, се подаривме на сцена, некој со повеќе, некој со помалку трема, некој случајно не случајно се најде покрај патот да сподели живот што згаснал, зашто тоа е сè што ќе остане по нас… Луѓе што ќе се сеќаваат, ќе нè споменуват повремено, низ песни, низ мисли, низ универзуми… А ќе им дишеме во душата…

* * *

Седум генерации историја.

Вечерва под ова небо… За тебе убавино… прошепотев…

Под ова небо, како и сите други неба… За тебе. Монодрама.

Прашања кои најчесто си ги премолчуваме себеси, онаму каде никој не ти го знае името, со љубов, на една Матилда и еден патник.

* * *

Распарчување.

И подадени раце за поздрав, за почит, за признание…

А само неполни 29 години.

Сè уште осмица за вечност, за бесконечност…

* * *

А по секое кршење, најубаво се танцува на музика. Срце да си зацелиш, душа да си залепиш, парче по парче, стакло… а гледаш во очите на 89 годишна старица. И ќе ја видиш сета љубов и болка, додека ѝ ја пеат „Ах каде е мојто либе“!!

 

Животот нѐ разнесува како прашинки…

* * *

И си седнавме во ладовината, со комарците, трите кученца и мачорот, се распославме како штотуку пристигнати од пат… Чиниш, од пат далечен доаѓаме, секој својот куфер тежина…

Денот. Чуден и убав. И сонце и дожд. И љубов. Чекоревме под виножито на пристигнување.

 * * *

И се распославме сите со своите чаршафи. Исполегнавме души под ѕвездено небо. Интима и цела вселена. Расприкажувања. Искуства. Сите со поезија во раце, ретко кој по професија. Но, најверојатно сите чувствуваме исто, па создаваме интензитет. Дразнење. Емоции. Од секојдневие, искуствено, почувствувано.

 

* * *

Рече: „Зовите ме Доби. А ја сад идем да се мало повучем у своју собу, са своје кучкице и све ово што сте ми доњели…“. И на изглед имаш слика од дете, кое со радост во очите здогледува езеро, да се нурне, длабоко, да исплива под површината…

Ги прегрна сите наши хартиени постоења и изчезна…

* * *

Зуевме длабоко во ноќта.

* * *

Утрински посвети, љубов и дишење…Така осамна новото утро…

Со кафенце во двор, со насмевки и воздивки за тоа колку недостигаат вакви бегства од градот…

Со зборови за зборови, со сеќавања за пишани сеќавања… За Ајде, за Утре, за Прерано доцна

„Дете, па ти ово требаш да испечатиш. Предобро је.“

* * *

Најверојатно, кога ќе воодушевиш 89 годишна жена, со актерска кариера, со милиони страници прочитани зад себе, со живот, со искуство… Најверојатно, ама само најверојатно…правиш нешто исправно за светот…со своето дишење…

* * *

И таква сум. Исчезнувам меѓу луѓе. Си ја сакам самоста. И исчезнав, зашто мразам разделби. Мразам заминувања. А требаше да се вратам онаму од каде што тргнав.

* * *

Ја прегрнав, гушнав и ѝ реков: Доби, ми беше чест што те сретнав… Ми беше чест што те запознав… Вообичаено, додека нешто доживувам, додека нешто се случува, не зборам премногу… Молчелива сум, но ќе се вратам, ќе дојдам и сè ќе ти раскажам…

* * *

„Узми“ – рече – „за по пат. Ова се пољупчиња од Доби“.

Бац, бац, бац, оддекнуваше во просторот, додека ми ја полнеше ташната со ментол бонбончиња.

Ментолчиња кои ме поврзуваат со едни други убави сеќавања.

* * *

Две жени ми подарија ментолчиња, споменчиња.

Јас ментол бонбони не сакам, но секаде си ги носам со себе, затоа што нив две ги сакам.

* * *

Ќе се вратам. Многу набрзо.

 cmm0zfuxyaaj4bw

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s