Монодрама

Прашања кои најчесто си ги премолчуваме себеси.

 

Среќна ли си?
Среќна сум,
денот ми е убав,
така некако се разбудив утрово…

Среќна ли си за себе?
Добро ми е.
Некогаш беше многу подобро,
ама помина…

Среќна ли си?
Еднаш имав сонце за сите светови.
И држев дланка во дланкиве.

Среќна ли си?
Птиците црцорат надвор,
зарем не ги слушаш?

Среќна ли си?
Гледај,
и црешата расцутела.
Вдишувам длабоко
и покрај тоа што поленот
градиве ќе ми ги распара…

Среќна ли си?

Среќна ли си?
Дете сум.
Зарем децата не се секогаш среќни?

Среќна ли си?
Научив.

Среќна ли си?
Научив да живеам во општество
што ме учеше што е нормално,
не тоа што чувствуваш…

Среќна ли си?
Среќни се луѓето што ми значат,
среќна сум за нив…

А за себе?

Photo by: Daria Endersen

Nowena

image

За луѓето. И песните со посвета.

Песната со посвета е чувство. Момент. Здив, проток на воздух низ ноздрите, до крвните садови низ срцето преточени во мисли, убавини, спомени и повторно чувства… Почетокот почнува со крајот. Крајот е круг кој се врти околу себе.

Луѓето опеани во песните живеат вечно. Вечноста треба да се мери со единица мерка посветена песна. Тоа останува. После нас. После мене. После тебе… После мигот. После времето. И повторно тоа е само дел од вечноста и вечноста од времето.

Песните со посвета не треба да ги плашат оние на кои им се посветени… Иако најчесто доживувањето на истите е проследено со нелагодност…Па луѓе мои, тоа е само миг кој трае вечно за оној кој ја напишал…И можеби сеќавање со ограничено времетраење за оној кој ја прочитал…

Песните со посвета, луѓето на кои им се посветени ги доживуваат како оков, како стега, како долгување…

А за поетот, тоа е слобода.

Тоа е љубов.

Тоа е душедарување.

Песната со посвета е се` што ќе посакаш… Може да биде горчлива, сонлива, прекрасна, остра…

Песната со посвета е чувство. Момент. Здив.

Ничие дете

Јас сум ничие дете,

ниту од мајка доено,

ниту од татко гледано,

ниту среќа,

ниту тага.

Само болка во гради,

наместо вкус на мајчино млеко…

Јас сум ничие дете,

од земјени корења никнато,

како кокиче сред зима,

борбено,

со глава подадено,

со ѕвезда водилка на чело,

јас сум ничие дете.

Ничие дете на ничија земја,

никулец на нова надеж,

гледај ме и крсти се во мене

дека ќе донесам подобро време…

А јас за подобро и полошо време не знам.

Јас сум ничие дете,

никому не припаѓам,

од земја никнато…

в земја ќе се вратам.

 

 

Смртта ги има моите очи.

Смртта во моите очи ќе убиеше многу луѓе.

Смртта во моите очи ме уби мене.
Дел од себе погребав на ладниот метал под себе.
Оставив воздишки да лебдат во воздухот,
да треперат под силната светлина
додека градиве ми ги полнеа и празнеа со воздух.
Сонував.
Мртва сонував.
Мртва сонував за поубави места.

Велат смртта доаѓа како светлина.
Мојата го навести своето доаѓање во сон.
Кошмар.
Крај.
Неколку недели претходно.

Ја чувствуваш толку силно во грлото,
толку силно во стомакот.
згрчени мускули…
Исчекување…

Тик так.
Тик так.
Тик так.

Седиш и ги гледаш своите блиски,
своите колеги,
своите драги лугиња
кои ниту насетуваат,
ниту претпоставуваат што следи…

Сам/а си и кога се раѓаш.
Сам/а си и кога умираш.
Сам/а си и кога знаеш за сопствената смрт.
Сам/а.

Осаменост.
Во свет со луѓе, самица.

Сите тука.
Стутулени во мисли
стутулени во срце си ги носиш.
А ти бледнеат.

Смртта ги имаше моите очи.
Во секој поглед во огледалото си ги одбројував деновите…
А толку минато ти се собира во неколку дена пред смртта
што не си сигурен дали дошле по последен опрост,
или да ги довршат своите недовршени нешта….

Испив неколку кафиња за збогум.
Посакав убав викенд за збогум.
Посакав лека ноќ за збогум.
Посакав да е здрава и жива и најубава… за збогум.

Збогум се кажува на толку многу начини.
Никој да не примети,
никој да не забележи.

Кога чекориш кон сопствената смрт
и чекорите се некако полетни
кога чекориш за последен пат.
Се` се случува толку брзо,
толку несвесно,
толку…

Просторно и временски неопдределено…

Смрт.
И живот.

Очиве повторно гледаат.

Photo by Daria Endersen

Ти ги гледав очите…

Ти ги гледав очите…

Еднаш многу одамна имаа живот.
Еднаш многу одамна имаа искра…
Гореше длабоко во нив…

И не беше така одамна…
кога те сретнав…
Твоите очи ги сретнав…
Твоите очи имаа живи бои
за разлика од твојата кожа
натопена во тутун

Чиниш секој здив и воздишка
чиниш секоја тага и болка
по една голтка вино ги напиваш,
а твојот живот имал од се` по нешто…

Ти ги гледам очите…

Им вдлабнал погледот,
им пропаднала кожата под нив,
им згаснала искрата
како да изживеале сосема доволно…

Остареле.

Рекоа за љубовта N°2 #дневнадозаљубов

#ТвитерНагради N°2 – Гласање

Како и минатата година, така и оваа!! #‎ОгледалоНаЕднаДуша‬ повторно е номинирано во неколку категории за #Твитер и Блогираме Награди:

Можете да гласате на следниов линк: Гласај!!

Таму некаде има подобро
каде што туѓа влага и мувла
коските ќе ти ги гризе
живеејќи повисок стандард
со истата куповна моќ…
Таму некаде,
некој скајп видео повик ти мавта
и праќа бакнежи…
Да,
тоа е твојата мајка со солзи во очите,
која животот и искуството
ја навеле на мислата:
Таму нема подорбо,
само моето чедо да ми се врати живо и здраво,
ниедни пари не можат да го купат тоа здравје и среќа…
Таму некаде една мајка
го прегрнува и љуби своето чедо
за добра ноќ…
Таму некаде… Секој со своето недостигање…

Таму некаде… Секој со своите недостигања…

На тие што се далеку
им недостига љубов,
им недостига блискост,
им недостигаат драги луѓе…

На тие што се тука,
ништо не им е доволно добро…

Некаде таму далеку има подобро,
некаде таму далеку има подобар живот,
некаде таму далеку ќе ги дочекаат
со „раширени раце и топла прегратка“…

Да, да сигурно.

Некаде таму далеку ги дочекуваат
со „топол кревет и топол оброк“.

Не!

Некаде таму студи,
многу студи!

Студи без разлика на временските услови
и годишните времиња.

Студи во срцата,
студат дланките допрени за поздрав,
а студи и секоја прегратка што ја добиваш од тотален странец
што си го сретнал на соседното седиште
во автобусот, авионот, возот, бродот,
цимерот од твојата кабина на соседниот кревет,
кој ја дели истата судбина и мисла:
таму некаде има подобро…

Пропушташ цел еден живот тука,
пропушташ родендени,
петочни забавим,
свадби,
крштевки,
концерти,
пропушташ среќни лица
за кои жалиш што не можеш да ги гушнеш…

Жалат што ти си некаде далеку,
на другата земјина полутопка
и уживаш во Starbucks што го нема кај нас.
Жалат за твојот труд и висината на твојата плата,
помислувајќи: „…се изнашета по градови!“,
„Меѓу странци…“ – прошепнуваш – „меѓу туѓи лица и ниеден твој…
меѓу тотални странци…“
Странци со иста мотивација и исти недостигања.

Со родители (или без нив),
кои чекаат да се вратиш со насмевка на лицето
и да им речеш: „Таму некаде има подобро…“
Но, длабоко во себе ќе ја голтнеш грутката земја
што ја помириса на погребот на твојот колега – странец…

И таму умираат луѓе.
Странци.
Во туѓа туѓина,
во туѓа своина,
со камен во џебот од своето родно место.

Можеби таму некаде и ќе најдеш човек
што ќе го наречеш љубов
и сродна душа –
тотален странец
кој жедно ќе осознава за сé она
што тебе дома не ти беше доволно добро…
Ќе научи за културата,
ќе научи од каде доаѓа твојата топлина и страст
во срцето со кое го љубиш…
Ќе речеш, со носталгија во гласот:
„Така ме научија родителите,
таму каде што не ми беше доволно добро…“

Дома,
покрај елката украсена со светулки
во најразлични бои,
празнично расположение,
божиќната трпеза
и неделните пијанки со друштвото…

Некој можеби ќе најде слобода
робувајќи му на друг систем,
и така тркалезно кружувајќи околу оската –
таму некаде има подобро…

Таму некаде има подобро
каде што туѓа влага и мувла
коските ќе ти ги гризе
живеејќи повисок стандард
со истата куповна моќ…

Таму некаде,
некој скајп видео повик ти мавта
и праќа бакнежи…
Да,
тоа е твојата мајка со солзи во очите,
која животот и искуството
ја навеле на мислата:
Таму нема подорбо,
само моето чедо да ми се врати живо и здраво,
ниедни пари не можат да го купат тоа здравје и среќа…

Таму некаде една мајка
го прегрнува и љуби своето чедо
за добра ноќ…

Таму некаде… Секој со своето недостигање…

Офелија

(моноврисок)

Oфелија те молам придржи ме за рака и при оваа моја смрт! Те молам не напуштај ме, и онака сите си заминауваат кога ќе натежне денов… Офелија! Денови како овој има секој втор ден… Не знам како успевам да се исправам при секое утро, да станам од креветот и да го проживеам денот… Некако успевам да станам со ентузијазам дека денов ветува подобар распоред од вчера, ама знаеш кратко трае… Вајда е до хормоните, како си опаѓа нивото така и мене ми опаѓа и желбата и расположението… Најчесто молчам… Така комуницирам со луѓето. Со молчење. Молчешкум им ги одобрувам или прекорувам постапките. Не сакам да навлегувам во безцелни долгометражни објаснувања на нешта за кои сметам дека ни јас не сум компетентна да коментирам… Тивко ми е. Си ја сакам тишината…тогаш не ми се мешате во мисли. Но, Офелија тука ли си?! Ми требаш. Ах… си требам и сама на себе си, ама се изгубив… Си дозволив премногу, си подарив слобода и си ја заробив душата… Офелија, зашто сите се враќаат кога имаш некого во животот? Кога ќе си ги скоцкаш сите коцки ќе дојде некој од минатото да ти ја растури куќарката среќа и љубов… Зашто?! Зашто додека срцето ми чука за тебе, секогаш бегаш од мене?! Зарем не постои едноставен одговор на нештото налик љубов… И зашто не му дозволуваш да се роди, да се развие, да постои, да потрае?! Зошто Офелија, сите љубови се осудени на болка… Не ми одговарај, никој нема одговор на тоа прашање… само вака лутање низ времето, времето кога ги љубев усните… Твоите, моите… усните на смртта… Офелија, знаеш, лесно се умира за љубов… доволна е само мала искра надеж да си… да си ги пресечеш вените. Но кога ќе сечеш, сечи еднаш. Не оставај простор за други шанси, за други животи, Офелија… Не вредат… Не вреди ниедна одложена смрт за страдањето низ кое ќе минуваш додека јас си гризам од моето колаче… Го сечам на четири дела, за да остане нешто и за другите… И кога немав ништо, ништото го делев со непознати луѓе… Го делев за да помалку остане за мене, а тие со насмевка на лицето го земаа како да си им подарил злато… Ах Офелија, не знаеш ти ништо, што поминало низ овие мозочни келии… Некогаш ни јас не знам… Знам само дека одново умирам за љубов, умирам за љубов која знам дека ја чувствуваш, а никој никаде не успеал да ја признае во вистинскиот момент. Не плаши се, не јадам луѓе. Но, не играј си со моите демони. Тие гризат. Не ги разбираш доволно, Офелија. Никој не разбира, само се обидуваш да го извлечеш најдоброто за себе… Од себе, за себе. Ти. Ништо поразлична од него. Но, знаеш Офелија… дојде денот кога се врати. И тој. И ти. И јас. Сите се вративме кон своите незавршени нешта. Сите дојдовме на едно место. Јас му ја треснав вратата, ти ја затворив и тебе. Не можам повеќе да ти дозволам да ме повредуваш со своето присутно отсуство Офлелија… Дозволи ми само да умрам на твоите дланки. Оваа смрт не е ниту прва, ниту последна. Офелија, тука си? Стави ми ја дланката на срцето и почувствувај како згаснува…

***

Офелија. Офелија не е личност. Офелија не е човек. Офелија е само име. Офелија се вика една мајка. Офелија е ковчег. Фотографија со име кое одѕвонува во мислите. Офелија, мешавина од луѓе кои сакат да ти бидат. Офелија, женски род, тајна. Офелија, смрт. Офелија, некоја некаде.

Шепотења / Whispers (14)

Прекопување стари пораки.

Digging old messages.

Сеќавањата сеуште свежи.

The memories are still fresh.

Што се мора, не е потешко од она што веќе тежи.

What you must do, it`s not harder than what already weighs.

Датуми, бројки, времиња, бремиња.

Dates, numbers, times, burdens.

Животот продолжува да пишува приказни

Life continues to write stories

кои е тешко да ги избришеш од сеќавања,

that are difficult to delete from memories,

освен ако не ги напишеш.

unless you write them.