Dream on

Сонувам за моето катче. За моите четири ѕида мир, тишини и осаменост по потреба. Сонувам за тој почеток, за таа креативност што меланхолично ќе се издигнува помеѓу полиците книги и машината за пишување на бирото. Сакам да ги спојам двете времиња, она во кое живеам и она во кое би живеела или сум живеела во некој претходен живот. Сонувам за моето парче слобода. Слобода на мислите, додека изутрина го пијам првото кафе на балконот и се милуваме со сонцето. А ти покрај мене. Ме погледнуваш и се насмевнуваш со помислата: „Eто видиш, само без нервози“. Ето видиш, фраза која често ја употребуваш и ме смее колку интересно звучи во било кој контекст употребена. Сонувам за нешта што мислев дека не би ги сакала да се дел од животов…а сепак ги сакам… Сонувам за кревет и јорган под кој можам да се скријам од светов, да се скријам од сите обврски, од темпото на живот кое секогаш ќе бара повеќе од нас, а мене ми требаат само неколку минути сон и твојата насмевка. Сонувам…создавајќи…

*Твојот сон нема рок на траење, вдиши длабоко и обиди се повторно*

 

your-dream-doesnt-have-an-expiration-date-take-a-deep-breath-and-try-again-quote-1

Чаир маало

Ќе прелета слика од некого со семејство, со љубов, на море, на плажа, на сцена, на штици што живот значат… И ќе се сетам… Ќе се сетам кога Ивана го сакаше Бубе, а јас бев заљубена во Влатче до уши… И ќе се сетам дека игравме монопол со часови и часови, пред да дојде време за искачање… Едноставна прошетка од едно маало до друго, од една улица до друга… Некогаш ќе ми текне и на времето кога со Марија игравме со барбики, ни велеа големи сте…а ние те во еден двор, те во друг седевме и им шиевме облеки, им правевме модели од ќебето со црвени и бели квадрати, сечевме како да никој нема да не скара за бељата што сме ја направиле… Додека мама пиеше кафе со мајка ѝ и баба ѝ на Енеса, ние или рипавме на оптегнатиот ластик во двор или му брцавме инекции на креветот, зашто некој од нас уште одамна знаеше што сака во животот… Се присетувам и на Ико, Бојан, Бошко, Нено (Ненад), Баде, Ице, другиот Бубе, Ѕвонко, Даре (Darko), Љубиша, другиот Бојан, Ивица мојата симпатија од 3-то до 7-мо одделение… Тие со кои секојдневно игравме брканица на рушевините од старото забавиште… Роденден со 40 луѓе и од маало и од клас…Соња (Sonja), Александра, Боцка (Bojana), Ана на Ецо, Пепи… Први љубови и први стравувања…Велеа војна е, ќе биде опасно да се шета, па се скришум се измолкнувавме од дома на половина час… Маја (Maja) и Саше, Тонка (Tonka) и Џас (Jasmina), Дрпље (Haris), Хамзиќ (Haris), Едо (Edo), Никола (ми дојде на гости и закачи сипаници)… Школски… На први бакнежи, први срамови, први „ќе те чекам во ходникот кај првачињата“ моменти….
Се сеќавам дека уште тогаш немав ни срам, ни перде па на Митко САФ му се ставивме со Кики (Kristina) пред врата, само да го види… И ни се потпиша на постери и бевме среќни деца, раскажувајќи секојдневно дали сабајлето поминал или не по улицата… Тајла, Џени, Лега, Омеровиќ, Роби (Robert), Ели (Elena), Чуле (Jasmin), Мире (Mirjana)… Луѓе кои сеуште потсеќаат на детство… И тука негде дојде крајот… Дојде крајот на основното… Беше лето, јули, почеток на август… Групно испраќање во маалото на Ѓоше, кај Маре (Маре)позади зграда… Тежина, зашто не знаеш што те чека… И не знаеш каде ќе почнеш од почеток, само знаеш дека сите овие спомени и овие луѓе ќе значат недостиг… И ќе ти текне… Ќе се сетиш на сите брканици, народни, тениси, фудбали, колички и џамлии што си ги изгубил во прашините на заборавот… И знаеш дека некои од овие луѓе сеуште постојат и ќе бидат дел од тебе и спомените, засекогаш…од Чаир маало, околу Цветан Димов основното…

… Убаво беше да се има детство и да се делат спомени со вас…

Поминаа години

Поминаа години…

Поминаа тешки и лесни години.

Поминаа години додека ти се сетиш дека те љубам.

Поминаа години додека осетиш,

Почувствуваш.

Почувствувај!

Ми гориш под прстиве секој пат одново

кога ќе ти го чујам гласот,

кога ќе ти ја замислам насмевката.

Во мисливе безброј пати разговаравме за нас,

за сѐ она случено,

недоречено, неискажано.

Поминаа лесни и тешки години

и сѐ е исто како вчера…

Твоите дланки надвиснати во моите џебови.

Магловит февруар и тивка ноќ.

Гласна, само од нашите мисли и моите врисоци те љубам!!

Пред сите те љубам, те љубев и ќе те љубам

и ќе вриштам додека не почувствуваш

како се вришти од љубов!

Од љубов кон личноста што знаеш дека може да ти биде сѐ…

Знам дека ги мразиш моите високи тонови.. Прости…

Поминаа лесни и тешки години со и без тебе,

со тебе во мислите и без тебе покрај мене.

Знам дека чувствуваш.

И бегаш.

И имаш потреба да избегаш.

И ќе бегаш додека не сфатиш дека од себе не ќе побегнеш…

Од мене уште помалку,

зашто парче моја душа носиш во себе,

зашто дел твое срце носам во мене.

И ќе дојде ден.

Ќе решиш дека е време за среќа,

дека е време за љубов…

И ќе поминат лесни и тешки години,

ништо не ќе се промени

и сѐ ќе биде како вчера…

Знаев

Знаев дека нема да бидеме засекогаш заедно. Уште од самиот почеток знаев дека ќе бидеш еден мал дел од мојот живот. Така те одбрав, така ме одбра. Некогаш одбираме луѓе и луѓето не одбираат нас.
Сите нешта имаат свој почеток и крај. Некои наликуваат на пекол, некои на рај.

Но, битна е суштината, она помеѓу првото здраво и последното збогум. Тука. Тука некаде помеѓу се создаваат спомените, се живее животот, се љуби.
Се љуби и по последното збогум.

Сите форми на љубов еволуираат. Сѐ тече и сѐ се менува. Ние се менуваме. Растеме.
Растеме со ситуациите и препреките што ни се испреплетуваат со секојдневието и можностите. Растеме, затоа што учиме да се поделиме и споделиме со личноста до нас. Споделуваме дел од себе, се оформуваме според обликот на другиот, се трансформираме, постојано, одново прилагодувајќи се на новите услови… Еволуираме.
Но, не секогаш иако чувствата ни тргнале заедно во еден правец, ќе завршат во иста крајна точка. Би било прекрасно и преубаво преубаво кога сите коцки и мозаици на светот би се споиле до своето последно делче… Но, сите часовници не отчукуваат полноќ истовремено…
Некогаш крајот е неизбежен, за доброто на двете страни… Некогаш ги надраснуваме ситуациите и сме го обрале дрвото на љубовта многу побрзо од очекуваното, некогаш многу подоцна… Некогаш некој од нас мора да замине, за да се пронајде себе си… И да се врати во подобро издание на себе си или да усреќи друга личност, биднувајќи подобра верзија на себе благодарение на искуството со нас…
Искуство. Дозволи си да ти се случи. Ако ти се случи и ти е допадне, продилжи прави го тоа. Ако ти се случи и тоа не е твојата шолја чај, напиј се вотка. Не жали за тоа што се случило, туку за тоа дека сте постоеле заедно под едно небо, под едни ѕвезди, под едно ќебе љубов.
Знаев дека нема да бидеме засекогаш заедно. Така те одбрав, така ме одбра. Ама сакав да ме доживееш во најубаво светло до тогаш, до она ниво на кое ме запозна, затоа што тоа беше моето најдобро во моментот. Сакав да те допрам, онака совршено несовршенство, кршливо и цврсто истовремено, зашто знаев дека во тој момент она што ќе ми го подариш…ако ми го дадеш искрено и отворено со целото срце, за мене ќе биде најубавото и најдоброто од тебе во моментот. Токму она што ми треба. Ти. Оној мал дел од мојот живот, искуството помеѓу првото здраво кажано со страст и посакување и последното збогум, кажано со љубов…
Зашто сѐ додека постои страст меѓу нас, никогаш не ќе можеме да бидеме пријатели…
Некои огнови тлеат и се распламтуваат преку оставањето простор сите форми на љубов да еволуираат во својот природен тек…
Затоа не заминувајте од инат, од страв, од бес и неможност… Не повредувајте се себе си и другиот покрај вас… Кажаните зборови се тешки пранги за носење, но свесноста за степенот на вашиот однос со партнерот и љубовта што ја делите и споделувате меѓу себе е нешто што можете да си го подарите себе…
И да не успеете, барем ќе знаете дека сте пробале.
И тоа е сосема доволно.

Бидете љубов!!

Божиќ. Спомени. Топлина.

Дел од годината кога сите сеќавања ти се испреплетуваат низ мисли.
И луѓе. И насмевки. И солзи. И грешки.
И си велиш: Па добро е, сите растеме на некој начин… Емотивно, како личности, како битија… Како луѓе.
Во потрага по себе, некогаш губиме драги луѓе, некогаш се губиме себе, некогаш драги луѓе не губат нас…
Но, целото е круг, кругот е тркалезен, а цело е кога има сè.
И сè ќе си дојде во своето време, иако моето и твоето време можеби нема да се совпаднат, но патиштата повторно ќе ни се испреплетат…
Ќе се сретнеме кога ќе бидеме подготвени за тоа, кога ќе бидеме подготвени за моето и твоето, во нашето постоење… За нашето сè, во било која форма…

Ништо не доаѓа одеднаш, ниту се случува одеднаш…ниту ќе замине одеднаш…
Сè е процес и за сè треба време…
И трпение.
А трпение најтешко се учи.
И се греши.
И се заминува прерано и се останува предолго…
Но, се учи.

Се учи да се љуби, да се дарува, да се гушка со срцето, без физички допир, без физичко присуство…
Со чисто, отворено срце, љубов!!

Бидете нечија лекција, бидете нечиј спомен, нечие постоење, нечија инспирација, нечие среќавање, нечие сè!!

Бидете љубов!

 

Ладнокрвно убив човек

Ладнокрвно убив човек,

без размислување,

без последици,

без око да ми трепне.

Ладнокрвно убив човек и заминав од местото на злосторот,

зашто тука повеќе немаше ништо останато,

никакво сеќавање,

ниедна насмевка

само море од солзи и одамна удавени срца.

Ладнокрвно убив човек

во обид за последен здив,

за последен миг живот…

Ладнокрвно убив човек,

без размислување,

без последици,

без око да ми трепне.

Ладнокрвно убив човек и си простив.

Ладнокрвно си простив за сопствената смрт.

 

Photo by: Daria Endersen

6cc22c9a455ca11f9126e339cb55947e

Дојран(а)

Дојран, како и повеќето наши градови со езера, годиништа ги немав посетено… Човек ќе рече, живот, обврски. Ама тој живот и тие обврски нè носат далеку од сите оние убавини на кои забораваме живеејќи секојдневно…

Со Дојран не ме поврзуваа некои спомени, сем сеќавањата на врелиот воздух и ужасно многуте комарци…

* * *

Велат 2016 е престапна година, а јас ќе ја наречам уникатна… За доживување, за живеење, за дишење, за создавање, за биднување, за истражување, за себеспознавање… И за сè она што сте немале храброст да го направите изминатите години… Затоа што животот е патешествие, а случајности не постојат…

Така не случајно, оваа година имам спомен на Дојран за цел живот… За цело едно постоење, за цело едно ново дишење и создавање љубов…

Од сите неслучајни средби, од сите неслучајни луѓе на светов и веков, Ние, тука… Склоп на луѓе со години искуство и години живот во искуството…

* * *

И се качивме низ брдо нагоре, а чиниш само куќарче обвиено со зеленило. И искачивме скалила, чиниш дворец ти се отвара пред очи, скриено богатство, а богатство не се градби… Богатство се луѓе што изградиле светови…

И се појави една светло сончева, ќе ја наречам госпоѓа, од почит кон годините и животот во очите… И ми изгледаше познато, како некаде да сум го видела тој жар, ама не се сеќавав доволно… А и како би се сеќавала кога во годината кога јас сум се родила таа имала точно 60 години. Повеќе од половина век живот.

Името ѝ е Добрила Чабриќ.

Жена која треба да ја доживееш во сите нејзини воздивнувања, зашто со зборови не се опишува.

* * *

И ништо не знаев за неа, сем дека е позната глумица во Македонскиот Народен Театар, дека има преубав глас и дека е толку нестрплива пеперутка, што само можеме да и позавидиме на разиграноста.

Шок.

Оваа разиграна пеперутка во моментов има 89 години.

Да, таа за мене ќе биде пеперутка.

Омилена.

* * *

А пеперутките не би биле толку најпрекрасни, ако сами не летаат. Имаат раскошни крила и широк распон да допрат онаму каде што никој не допира.

* * *

Секој се врати на обврските заради кои бевме дојдени да ги исполниме. Како јато мравки се собравме, се сплотивме, се подаривме на сцена, некој со повеќе, некој со помалку трема, некој случајно не случајно се најде покрај патот да сподели живот што згаснал, зашто тоа е сè што ќе остане по нас… Луѓе што ќе се сеќаваат, ќе нè споменуват повремено, низ песни, низ мисли, низ универзуми… А ќе им дишеме во душата…

* * *

Седум генерации историја.

Вечерва под ова небо… За тебе убавино… прошепотев…

Под ова небо, како и сите други неба… За тебе. Монодрама.

Прашања кои најчесто си ги премолчуваме себеси, онаму каде никој не ти го знае името, со љубов, на една Матилда и еден патник.

* * *

Распарчување.

И подадени раце за поздрав, за почит, за признание…

А само неполни 29 години.

Сè уште осмица за вечност, за бесконечност…

* * *

А по секое кршење, најубаво се танцува на музика. Срце да си зацелиш, душа да си залепиш, парче по парче, стакло… а гледаш во очите на 89 годишна старица. И ќе ја видиш сета љубов и болка, додека ѝ ја пеат „Ах каде е мојто либе“!!

 

Животот нѐ разнесува како прашинки…

* * *

И си седнавме во ладовината, со комарците, трите кученца и мачорот, се распославме како штотуку пристигнати од пат… Чиниш, од пат далечен доаѓаме, секој својот куфер тежина…

Денот. Чуден и убав. И сонце и дожд. И љубов. Чекоревме под виножито на пристигнување.

 * * *

И се распославме сите со своите чаршафи. Исполегнавме души под ѕвездено небо. Интима и цела вселена. Расприкажувања. Искуства. Сите со поезија во раце, ретко кој по професија. Но, најверојатно сите чувствуваме исто, па создаваме интензитет. Дразнење. Емоции. Од секојдневие, искуствено, почувствувано.

 

* * *

Рече: „Зовите ме Доби. А ја сад идем да се мало повучем у своју собу, са своје кучкице и све ово што сте ми доњели…“. И на изглед имаш слика од дете, кое со радост во очите здогледува езеро, да се нурне, длабоко, да исплива под површината…

Ги прегрна сите наши хартиени постоења и изчезна…

* * *

Зуевме длабоко во ноќта.

* * *

Утрински посвети, љубов и дишење…Така осамна новото утро…

Со кафенце во двор, со насмевки и воздивки за тоа колку недостигаат вакви бегства од градот…

Со зборови за зборови, со сеќавања за пишани сеќавања… За Ајде, за Утре, за Прерано доцна

„Дете, па ти ово требаш да испечатиш. Предобро је.“

* * *

Најверојатно, кога ќе воодушевиш 89 годишна жена, со актерска кариера, со милиони страници прочитани зад себе, со живот, со искуство… Најверојатно, ама само најверојатно…правиш нешто исправно за светот…со своето дишење…

* * *

И таква сум. Исчезнувам меѓу луѓе. Си ја сакам самоста. И исчезнав, зашто мразам разделби. Мразам заминувања. А требаше да се вратам онаму од каде што тргнав.

* * *

Ја прегрнав, гушнав и ѝ реков: Доби, ми беше чест што те сретнав… Ми беше чест што те запознав… Вообичаено, додека нешто доживувам, додека нешто се случува, не зборам премногу… Молчелива сум, но ќе се вратам, ќе дојдам и сè ќе ти раскажам…

* * *

„Узми“ – рече – „за по пат. Ова се пољупчиња од Доби“.

Бац, бац, бац, оддекнуваше во просторот, додека ми ја полнеше ташната со ментол бонбончиња.

Ментолчиња кои ме поврзуваат со едни други убави сеќавања.

* * *

Две жени ми подарија ментолчиња, споменчиња.

Јас ментол бонбони не сакам, но секаде си ги носам со себе, затоа што нив две ги сакам.

* * *

Ќе се вратам. Многу набрзо.

 cmm0zfuxyaaj4bw

Прерано доцна

Не те чувствував сѐ додека не стана предоцна за нечувствување.

Ми се рашири по телово како плевел.

Секоја воздишка ти ја паметам, секој бакнеж на усниве како врелина брановито ми се таласаат низ сеќавање. Секоја твоја насмевка, стисокот на дланките во моите и сјајот во очите…

На сѐ заборавено се сеќавам.

Одвнатре ме гориш, а однадвор луѓето мислат мраз ми се наледил на душава, нечувствување.

Предоцна.

И првиот пат беше предоцна.

Секогаш ќе биде и ќе беше предоцна, кога со душата ќе препознаеш човек.

Предоцна беше прерано доцна за да размислувам за утре.

Прерано доцна јас те гледав како дел од себе, како парче среќа и дом по пола.

Зашто цел дом чинат две цели, со љубов поделени меѓу себе.

Прерано ми велеше раскажи ми…и кога раскажав беше предоцна да премолчам колку стравови преминав и храброст набрав како кокичиња сред зима, да ги згреам како што тебе те греев сред февруарски студ.

Часови по полноќ, додека нозете ми ѕемнеа, додека душата ми ја распаруваше со зборови, прерано доцна, те греев… Те греев колку што срца и сонца носев во душава, а мајка вели нејзина вина е што таква ме израснала…

Да љубам и кога губам…

И непознато да чувствувам како свое, како нешто блиско, како нешто мило…

„Предоцна е мајко за каење“, и реков…

И заплакавме и двете, како што душата ти ја собирав во дланки љубејќи ти го челото и бришејќи ти ги солзите од очите…

***

Толку тишини се изнаголтав за тебе, што почнав да се загушувам од сопственото дишење.

 

* Прерано доцна.Како  воздишка. Како копнеж по копнеж, недостиг. Како иднина која чека да биде случена, а тапка во минато заглавено време. Како почеток со многу краеви, а ниедно збогум.

 

image

Монодрама

Прашања кои најчесто си ги премолчуваме себеси.

 

Среќна ли си?
Среќна сум,
денот ми е убав,
така некако се разбудив утрово…

Среќна ли си за себе?
Добро ми е.
Некогаш беше многу подобро,
ама помина…

Среќна ли си?
Еднаш имав сонце за сите светови.
И држев дланка во дланкиве.

Среќна ли си?
Птиците црцорат надвор,
зарем не ги слушаш?

Среќна ли си?
Гледај,
и црешата расцутела.
Вдишувам длабоко
и покрај тоа што поленот
градиве ќе ми ги распара…

Среќна ли си?

Среќна ли си?
Дете сум.
Зарем децата не се секогаш среќни?

Среќна ли си?
Научив.

Среќна ли си?
Научив да живеам во општество
што ме учеше што е нормално,
не тоа што чувствуваш…

Среќна ли си?
Среќни се луѓето што ми значат,
среќна сум за нив…

А за себе?

Photo by: Daria Endersen

Nowena

image

Утре

Секој има кому да се врати, а каде сме ние?

По кои патишта коски оставаме,
Денови сами самуваме, а си бевме…
Си бевме и чувство.
И среќа.
И сила за новото утро…
Утре…
Утре ќе биде подобро од денес…
Некому,
можеби и тебе,
не би знаела да кажам…
Зашто не ти го слушам гласот,
ама срцето ти го чувствувам…
Ти го чувствувам како дел од моето,
а те немам…
Ме немаш…
Не, зашто не знаеш да ме задржиш,
туку зашто не ме бараш кога си требаме…
А по премногу одбивања во животов
се доведоа до тоа да те посакам,
а да се плашам да те имам,
да се плашам да ме имаш…

И ќе ми речат “можеш ти”,
ќе ми речат ќе помине…
А не сакам да ми поминеш,
сакам само сјајот во очите да ти го гледам,
па макар сјаеле од туѓа среќа…

Зашто најтешко е да немаш кому да се вратиш,
кој да те дочека…

А јас сеуште врнам на дождот и те чекам.

image