Ајде

Ајде да седнеме на маса

и да си ги раскажеме сите болки

и животни порази.

Сите љубења

и недољубувања,

сите разочарувања

и нечиви заминувања.

Ајде да седнеме на маса

очи во очи втренчени погледи

и за секој животен неуспех

за секое скршено срце

за секоја сроната солза

ти на мене, за моите

јас на тебе, за твоите,

ќе си резбаме по една рецка на грбот

Зашто сите ножеви и убиства

најлесно се зариваат од зади,

додека другиот не гледа,

додека другиот не се брани,

додека другиот наивно верува во тој позади него,

додека живее во надеж,

а му истекуваат последните секунди живот!

Ајде!

Ајде да бидеме сурово реални кон себе!

Јас кон тебе,

Ти кон мене,

па раскажувајќи ќе стигнеме еден до друг…

Една од приказните е и нашата, заедничка…

Каква – таква,

прекрасна,

ние во неа,

таа во нас!

И ќе ти го свртам грбов,

изрезбај ми ја последната рецка,

така подлабоко,

додека јас наивно сеуште верувам во тебе,

живеејќи во надеж,

додека ми истекуваат последните секунди живот!

 

love

Photo by: Daria Endersen

 

 

Живот базиран на искуства

 

 

Живот базиран на искуства.

~~~

Напишав: „За сите откриени и неоткриени тајни…“ – или барем мислам дека така напишав…

Можеби требаше да напишам „За сите познати и непознати искуства“…

Така ќе беше поприкладно, иако сите си носиме тајни…

Некому добро познати, некому допрва непишани лекции…

~~~

Не жалам за ништо што изгубив до сега, зашто на тој начин немаше да те имам тебе во животов…

~~~

Меурчиња среќа.

Се распрснуваат во дел од секундата кога ќе ја отвориме вратата кон светот, но соединувајќи се со воздухот ги дишеме и по нивното постоење…

Среќна сум што ни се случуваат.

~~~

Пред година и 365 дена подоцна, било кој ден можев да престанам да дишам…

И никогаш да не ми се случиш…

А, ќе зажалев доколку не ти ја видев насмевката и очите…

Свет во овој голем свет…

Процепи…

Како сонце од други универзуми…

Како свет во овој мал свет…

Како парче душа и молк,

додека очите ти се смешкаат и сјаат…

И ти…

За идни сеќавања…

~~~

Живот базиран на искуства…

~~~

Кои ќе бевме ние, да не бевме сега и тука.

Со сите наши минати искуства.

Со сето она што не прави нас, со сите срцебиења и треперења под прсти…

~~~

Ќе биде добро…

Ќе биде многу подобро…

Така вели сонцево…

cbk7h9pvaaajo2n

На сончевата страна од универзумот

Те (про)најдов во ноти…
Во музика од паралелен универзум…
Недопрено…
А толку блиску во душата,
како срце…
Како срце што е сраснато за гради…
Па чукаш,
те чувам,
вдишувам…
Светови допирам
со врвови од прсти,
чиниш јаве се…
А судбина како што дели
така спојува…
Неслучајно испишани истории
во некој живот пред овој,
во некој живот пред животи…
На сончевата страна од универзумот,
меѓу сонца,
сончев…

 

across-the-universe

Проклето минато свршено време од глаголот живот

Дете не остави.
Не остави со неодговорени
и со сонови скршени на пола копје…

Скршени,
пола луѓе,
духови,
шетаме по светов
без патоказ,
без цел,
без дел од себе,
без тебе Дете!!

За сите беше силен,
беше ведар,
беше
се` што немавме сила
со едно скршено крило да бидеме…

Беше силен, Дете,
беше…

Проклето минато свршено време од глаголот живот.

А живот ли е ова, Дете?!

Живот ли е без најдобриот пријател?
Без најголемата поддршка?
Без помалиот брат?
Без чичо?
Без чедото на мајка?

Живот ли е?!

Беше силен за сите, Дете…

Зошто некој ти згазна на судбината па те изгубивме Дете?

Зошто не продолжи да бидеш силен за себе Дете?

Лута сум ти!!

Лута сум си и на себе,
гледавме приоритети,
гледавме да успееме…

Успеавме и
успеавме да се изгубиме во виорот успеси,
заборавајќи дека животот е една текна линија
помеѓу вчера и денес…
И ништо повеќе…
Ништо повеќе Дете!!

Незаменлив си дете!!
Незамисливи се деновите што
ќе минуваат без тебе Дете…

Проклето минато свршено време од глаголот живот.

(27.10.15)

За Супермен… ♥

Знаеш… Цевитана имаа реклама… За обичните супер херои… Ти беше нашиот „обичен“ суперхерој…

Не те познавав доволно долго… Но доволно долго те сакав… Едно око плаво… Едно шарено… Ситници по кои беше различен… Од сите нас… И сега си… Си отиде прерано…

Секогаш се препиравме. секогаш ме викаше дете… иако постара од тебе… се смеевме, си „спуштавме“… се гушкавме…
Веруваше во мене… верував во тебе… се бодрревме… се подджувавме… знаев дека можеш да успееш… веруваше дека ќе се спасам… и двајцата успеавме…

Но, каде те изгубивме…

Каде те изгубивме сите оние што неколку пати те видовме и оние кои секојдневно пиеја кафе со тебе… Оние кои секојдневно се смееја на твоите шеги… Зашто таков беше… шегобиец… и кога идеа најтешките денови…

Живеам со спомените кои ги имав со тебе и за тебе… Не се осмелувам да погледнам што остави зад себе… Пред два дена прочитав нешто што напиша… Си реков типично за тебе. Во твој стил. Иако ме изнервира зашто знам дека си поинаков од она што го рефлектираше пред другите, си реков ај… ќе збориме некој ден за се`…

Денес тргнав на пат… Да знаев дека тој пат ќе ми донесе солзи…ќе се вратев дома… Ќе се вратев дома да те прегрнам…
6 часовно патување за среќа, 5 часа солзи…

Секоја голтка ја просипав на земи… Секоја голтка што ја допрев до уста ми падна врз грутка земја… А се напив во твое име… Те споменав сонце… Зарем некој може да те заборави…

Болиш…
Живееме, додека свесно се распаѓаме одвнатре…
Ни се корне душата и ни се крши срцето,
а тебе повеќе те нема…

Не знам дали случајно… Дали Господ по некое непишано правило… Или…намерно…. Почнува да ја климави мојата верба во него…

Изутрина ме пречека најубавото крваво сонце… Крваво. Ќе ставам точка тука. Да знаев… Само да знаев…

За нашиот супер Херој…
Почивај во мир Супермен…
Имаше срце и насвмеква за сите…

До некое следно видување…

Свет во обид да љуби

Неколку месеци.

Мене ми се чинат вечност.

Оставив коски да скапуваат на земи, без глас.

Тивка тишина да ги гали додека јас молчешкум се искрадувам од тој свет.

Тој познат свет.

Мој свет.

Свет на мене сличните.

Свет во обид да љуби.

Љубувај сега напразно.

Обидувај се да дишеш со раката преку усни и затнат нос.

Не оди.

Се гушам.

Слушам гласови,

ечат од далечина.

Довикуваат,

застануваат на погрешни патеки.

Стојам.

Своеволно би движела.

Неволно стојам.

Проаѓаш покрај мене,

не те гледам.

Не те приметувам,

а тука си ми пред очиве.

Очиве кои те плачат.

Очиве кои те смеат.

Живот.

Живот, поминуваш покрај мене.

Не гледам.

Мижам.

Сонувам.

Чиниш ноќта е најсветлото нешто на крајот од ова лудило.

Тунелот.

Тој тука стои,

одбројува секунди.

Судар.

Татнеж меѓу зората и јавето.

Те допирам.

Ми клизнуваш низ прстиве како прв пат.

Заминуваш.

Се лутам.

Се мрштам како што сонцето ми блешти во очите.

Изчезнуваш.

Тука си. Ми чукаш, во срцево ми чукаш.

Свет во овој свет

Еден ден ќе измислат свет за нас. Свет во овој свет. Наш свет и ние во него. Ќе се родиме повторно како ѕвезди во згаснување.
*
И повторно ќе те чекам на истото место каде те сретнав. На истата клупа покрај обалата. На третиот камен после петиот чекор од лево.
*
На лево се чекаат сите оние недовршени сеќавања. На лево стојат сите срцеви отчукувања собрана во една мала кутија со светки. Таму една светка го осветлува целото море.
*
Лево. Свет во овој свет. Наш свет и ние во него.

svet vo ovoj svet

Кажете му.

(сеќавање… 20.07.2013)

Повторно се враќаш. Повторно доаѓаш само да го најавиш својот нов потег. Својата нова театарска претстава. Се прашувам до кога?
До кога ќе издржиш да ја водиш војната која му ја објави на светот?
Оној свет кој може да ти ги подари крилата за нови летови и оној ист свет кој може да ти ги скрши. Слаб си! Не си ти спремен за големи чекори. Не за оние кои ќе ти ги разчеречат нозете.

За луѓето. И песните со посвета.

Песната со посвета е чувство. Момент. Здив, проток на воздух низ ноздрите, до крвните садови низ срцето преточени во мисли, убавини, спомени и повторно чувства… Почетокот почнува со крајот. Крајот е круг кој се врти околу себе.

Луѓето опеани во песните живеат вечно. Вечноста треба да се мери со единица мерка посветена песна. Тоа останува. После нас. После мене. После тебе… После мигот. После времето. И повторно тоа е само дел од вечноста и вечноста од времето.

Песните со посвета не треба да ги плашат оние на кои им се посветени… Иако најчесто доживувањето на истите е проследено со нелагодност…Па луѓе мои, тоа е само миг кој трае вечно за оној кој ја напишал…И можеби сеќавање со ограничено времетраење за оној кој ја прочитал…

Песните со посвета, луѓето на кои им се посветени ги доживуваат како оков, како стега, како долгување…

А за поетот, тоа е слобода.

Тоа е љубов.

Тоа е душедарување.

Песната со посвета е се` што ќе посакаш… Може да биде горчлива, сонлива, прекрасна, остра…

Песната со посвета е чувство. Момент. Здив.

Онаму каде никој не ти го знае името

Доаѓаме безимени,

заминуваме безимени

од овие градски ѕидини…

Оставаме душа и тело

на нечија земја,

а ѕидовите неми за сите наши спомени…

Така се патува

онаму каде никој не ти го знае името…

Имаш полно срце спомени,

а чудна осаменост во душата…

Мирисаш туѓ воздух,

а сонуваш како е дома…

И дома истите прашања натежнуваат,

како е онаму каде никој не ти го знае името…

Осамено, ќе ти речам…

Луѓето едвај го говорат твојот јазик

со исто писмо пишувате…

Само музиката,

насмевките,

сонцето,

дождот,

месечината

и сонот

го имаат истото значење како и дома…

Луѓе сме.

Од земја никнати,

во земја претопени,

со неколку години разлика…

Разлика во спомените кои ќе ги понесеме

и кои ѕидовите ќе ги запаметат за нас…

Доаѓаме безимени,

заминуваме безимени

од овие градски ѕидини…

Со љубов,

на една Матилда и еден патник…